Во август, еден турски и еден грчки воен брод се приближија еден до друг во источниот Медитеран. Франција испрати свои воени бродови во таа област како поддршка на Грција. Така, во инцидентот учествуваат три држави партнери во НАТО.

Коренот на денешните конфликти лежи во договорите стари скоро 100 години. По Првата светска војна, со договорот од Лозана се дефинираше територијата на денешна Турција. Наследникот на Отоманската империја ги загуби скоро сите острови во Егејското Море кои и припаднаа на Грција. Оттогаш Атина и Анкара расправаат околу ексклузивните економски зони околу островите и турскиот брег.

Овие расправии доведоа до отворен воен конфликт во 1996 година, кога турските специјални сили се истоварија на ненаселен грчки остров.

Во 2000 година, ЕУ уште еднаш ја дефинираше максималната поморска граница во корист на Грција. Но, веќе неколку години, турскиот претседател Таип Ердоган бара нова дефиниција на договорот. Во исто време, Грција инсистира на моменталната состојба и се жали на фантазиите на Ердоган за Турција како суперсила.

Уште едно јаболко на раздорот е Кипар, чиј северен дел беше окупиран од страна на Турција во 1974 година. Овој конфликт со децении ги оптоварува односите на Турција со ЕУ, особено откако остатокот од Кипар беше примен во Европската унија во 2004 година. Сега Турција долева бензин врз огнот со пробните нафтени истражувања во морето пред окупираниот северен Кипар.

Соединетите држави реагираа со укинување на ембаргото за вооружување на Кипар. Турците се повлекоа откако Вашингтон испрати неколку воени бродови во таа област. Исто така, треба да се напомене дека таму е активна американската компанија Ексон Мобил.

Турција потпиша „Меморандум за разбирање“ со Либија, во ноември минатата година, со што на Турција и се гарантира економска употреба на целиот морски простор од Крит до Кипар. ЕУ, се спротистави на тоа и го постави прашањето како Либија и Турција можат да преговараат за нешто на штета на трета страна без меѓународна поддршка.

Како одговор на договорот меѓу Турција и Либија, Атина потпиша сличен договор со Египет, што секако е во спротивност со оној меѓу Турција и Либија. Грција и Кипар исто така потпишаа договор со Израел за изградба на гасовод што целосно ќе ја заобиколи Турција и нејзините интереси.

Исто така, постои Источен Медитерански форум за гас (ЕМГФ), во кој се вклучени Грција, Кипар, Израел, Египет, Италија, Јордан и Палестина, но не и Турција. Анкара ја нарекува групата „антитурски форум“. Во меѓувреме, и Обединетите Арапски Емирати, кои се сметаат себеси за ривали со Турција и не се согласуваат со флертувањето на Анкара со исламистичките групи како што е Муслиманското братство, се приклучија на овој „антитурскиот сојуз“.

Во оваа ситуација, Турција е донесена до зидот. Анкара има причина да биде незадоволна од начинот на кој е решено користењето морското подрачје само на неколку километри од нејзиниот брег. Се разбира, Турција може да го изрази своето незадоволство пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Но, наместо тоа, Ердоган игра на картата со воени средства да се обиде да го оживее новиот големо турски сон. Но, националистичките тонови од Анкара придонесуваат само за зголемување на државите кои се против Турција.

ЕУ е во непријатна позиција: од една страна, Брисел се однесува кон Анкара со ракавици од страв да не го наруши договорот за задржување на бегалците на турска територија. Од друга страна, таа е должна да ги брани позициите на своите членки Грција и Кипар.

И тоа е суштината на турската серија која трае повеќе од еден месец во Источниот Медитеран!


Напишете коментар