Четири невладини организации се надеваат дека денеска на првото рочиште пред Административниот (Управен) суд во Париз ќе го докажат неуспехот на француската држава во борбата против глобалното затоплување, откако за нивната тужба добија поддршка од повеќе од два милиона граѓани.

Две години по започнувањето на оваа постапка, придружена со 2,3 милиони потписи на досега невидена петиција преку интернет, четирите невладини организации – Нотр Афер, Гринпис Франција, Фондацијата Никола Хулот и Оксфам Франција – пред Административниот суд во Париз ќе се најдат наспроти претставниците на државата.

-Ако „аферата на векот“, како што се нарекува предметот во францускиот печат, ја добијат НВО-ата, тоа ќе биде историска одлука за климатската правда во Франција. Тоа би го ставило политичарот пред неговите еколошки контрадикторности: многу говори и многу малку акти, укажува Сесилија Ринаудо, координатор на Нотр Афер.

„Осудата на една држава за непостапување кон климата би била историска, и не само во Франција“, смета Сесил Дуфлот, извршен директор на Оксфам Франција, истакнувајќи ја паралелата со аферата Ургенда, која стана модел за неодамнешното зголемување на моќта на климатска правда.

Во декември 2019 година, Врховниот суд на Холандија и наложи на холандската Влада да ги намали емисиите на стаклените гасови во земјата за најмалку 25 отсто до крајот на 2020 година.