Најмалку осум лица загинаа во напад со огнено оружје во средно училиште во рускиот град Казан, главниот град на Руската Република Татарстан. Руските медиуми најпрво објавија дека 11 лица биле убиени, но канцеларијата на градоначалникот на Казан потврди дека во нападот биле убиени осум лица, од тоа седум деца и еден наставник.

Претходните информации зборуваа за двајца напаѓачи, но подоцна официјалните лица потврдија дека училиштето било нападнато од еден тинејџер, кој бил уапсен.

Засега е непознато што го предизвика нападот.

Според ТАСС, 32 лица биле повредени и хоспитализирани.

Министерството за внатрешни работи на Татарстан соопшти дека напаѓачот имал експлозивна направа и автоматско оружје.

Во видеото од порталот База објавено на Твитер се прикажува како децата бегаат од училиштето каде се случува нападот. На снимката се гледа како дете скока од третиот кат на училиштето и со ползење се обидува да се спаси, но без успех.

Рустам Миниканов, гувернерот на Татарстан, рече дека меѓу убиените има четири ученици и три ученички од осмо одделение.