Во буџетот за 2021 година првпат се обезбедени 54 милиони денари за ангажирање образовни асистенти од наредната учебна година, услуга која е во согласност со Законот за основно образование. Целта е преку инклузивно образование и со одговор на различните потреби на учениците – пристапност, соодветна поддршка, зголемување на учество во учењето, присуството во училиштето и во заедницата, да се создадат услови за секое дете да го постигне максималниот потенцијал, истакна денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

На Меѓународниот ден на лица со посебни потреби, кој годинава се одбележува на тема  „Не секоја попреченост е видлива“, таа го посети Посебното основно училиште „Д-р Златан Сремец“ во општина Кисела Вода, од каде што потсети и дека согласно со Законот за основното образование усвоен минатата година, специјалните училишта до 2023-та треба да прераснат во ресурсни центри кои ќе го поддржуваат инклузивното образование во сите редовни училишта.