На учителка во основно училиште во Марибор и беше врачен отказ поради одбивање да се вакцинира или да се тестира за ковид-19, прв таков случај откако владата ги интензивираше своите анти-епидемиски мерки поради ширењето на епидемијата во третиот бран.

Како што објавија словенечките медиуми, на неа и било привремено забрането да оди на работа од почетокот на учебната година, бидејќи одбила неделен тест и носење маска на час, што било задолжително со одлука на Министерството за образование, пренесува Хина.

Таа има право на жалба на одлуката за престанок на работниот однос во рок од две недели. Медиумите известуваат дека наставничката била активна во групата против вакцинација, која неодамна упадна во студиото на информативната програма, барајќи од неа да престане со пропагандата на владината кампања за вакцинација, а во видео на Фејсбук таа ги убедувала родителите да не ги испраќаат своите деца во „режимски и фашистички училишта“.

Директорката на училиштето, Катја Прегл, изјави за весникот Вечер од Марибор дека е отпуштена поради кршење на работните обврски, бидејќи одбила да носи маска во затворени простории и дека не го исполнува таканаречениот ПВТ услов (прележани, вакцинирани, тестирани) што е обврска за вработените во училиштето.

Словенечкиот министер за здравство Јанез Поклукар изјави на денот дека ПВТ условот дава резултати, бидејќи бројот на новозаразени лица стагнира во последните денови. Тој најави дека заострениот ПВ услов (само оние што прележале и се вакцинирани), кој од 1-ви септември се применува во државната администрација, ќе се прошири на сите доколку епидемиолошките бројки, како и бројот на хоспитализирани лица, продолжат да расте.

Вработените во потесниот дел на државната администрација мораат, доколку не се заразиле со ковид-19 во последните шест месеци, да се вакцинираат со првата доза вакцина до 1-ви октомври, а со втората доза најдоцна до 1-ви ноември. Доколку не го сторат тоа, нема да можат да работат во службените простории, освен ако не е технички и во согласност со нивното работно место да работат од дома, односно преку Интернет.

Неколку синдикати на вработени во државната администрација протестираа против таа одлука на владата, а до Уставниот суд беа поднесени повеќе од 200 предлози владината мерка да се прогласи за неуставна, пренесуваат словенечките медиуми.