Септемврискиот старт на второто издание на Лигата на нации ќе стартува дефинитивно без гледачи на трибините, па Македонија ќе ја нема поддршката од навивачите на воведниот меч со стариот познаник Ерменија, откако УЕФА денеска на нова видео-конференција со генералните секретари на 55-те членки го потенцирала сето ова.

Како што објавија од Нион, УЕФА на ФФМ, а и на сите федерации им посочила дека е прерано да се пуштат навивачите на трибини и дека овие воведни мечеви од Лигата на нации ќе мора да се организираат под најголеми безбедносни мерки, како тест за понатамошниот развој на настаните и евентуалното разлабавување на мерките околу присуството на гледачи.

Од УЕФА дополниле дека европскиот Суперкуп на 24 септември во Будимпешта ќе биде главниот тест и пилот-меч за отворање на трибините за одреден број на гледачи.

УЕФА им предочила на федерациите да разговараат со државните и здравствени власти за фудбалерите да бидат исклучок за задолжителни карантини поради тоа што тие редовни ќе бидат тестирани според протоколите на УЕФА и нема да бидат ризик и опасност кога ќе се вратат после настапите за своите селекции. На крај од УЕФА посочиле дека може секоја земја да побара да игра на неутраен терен, ако условите и мерките што ги преземале властите не овозможуваат нормално одигрување на мечот.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *