Гери Марсден , човекот кој ја пееше „You’ll Never Walk Alone“, химната на славниот англиски клуб Ливерпул, почина во неделата на 78-годишна возраст, објавија британските медиуми.

„Многу сме тажни кога дознавме за смртта на Гери Марсден“, објави Ливерпул на својот профил на Твитер. “Зборовите на Гери засекогаш ќе бидат врежани во нашите сеќавања. Никогаш нема да одиш сам.

Роден во Ливерпул, Марсден беше фронтмен на групата Gerry And The Pacemakers, која во раните 60-ти години на минатиот век го преработи хитот „Никогаш нема да одиш сам“, а првично тој хит беше напишан во 1945 година од американските композитори Роџерс и Хамерстејн за мјузиклот „Вртелешка“ 

Верзијата на Гери и пејсмејкерите е прифатена од навивачите на Ливерпул како нивна уште од 1963 година и стана една од најпознатите навивачки химни. Другите клубови како Селтик, Феенорд или Борусија Дортмунд исто така ја емитуваат оваа химна на своите натпревари.

Марсден повторно ја сними таа песна во април 2020 година како почит кон Националната здравствена служба на Обединетото Кралство за време на пандемијата со коронавирус.