Член на Извршниот одбор на Организацискиот комитет на Олимписките игри во Токио изјави денеска дека треба да се побара друго одложување на игрите, доколку тие не може да се одржат и следната година.

Олимписките игри во Токио требаше да се одржат летово, но истите беа одложени за следното лето заради пандемијата на вирусот корона.

Наш главен приоритет е да направиме заеднички напор да ги одржиме Олимписките игри летото 2021 година. Доколку тоа не е можно, треба да ја започнеме акцијата повторно за да се договориме за уште едно одложување, изјави Харајуки Такахаши за јапонските медиуми.

Според проценките во Јапонија, едногодишното одложување на олимписките игри ќе чини меѓу две и шест милијарди долари, што најмногу ќе падне на товар на даночните обврзници.

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Томас Бах и претседателот на Организацискиот комитет на Олимписките игри во Токио, Јоширо Мори, ја отфрлија можноста за ново одложување на Игрите. Тие се согласија дека Игрите ќе бидат откажани ако не можат да бидат отворени на 23 јули 2021 година.

За Такахаши се шпекулира дека добил милиони долари од Комитетот за кандидатурата на Токио, за лобирање кај членовите на МОК, кога Токио беше избран за домаќин на Игрите во 2013 година, победувајќи ги Буенос Аирес, Мадрид и Истанбул.

Тој е поранешен вработен во јапонската маркетинг агенција Дентсу, за која се верува дека помогна многу за Игрите да одржат во Токио.

Дентсу е ексклузивна маркетинг агенција за Олимпијадата во Токио и помогна во обезбедувањето на 3,3 милијарди американски долари од локалните спонзорства.

Истрагата во Франција ја поврзува улогата на оваа компанијата со Игрите во Токио, вклучително и лобирање од поранешниот претседател на Меѓународната федерација за атлетика, Ламин Дијак. Дијак беше член на МОК кога Токио ги доби Игрите.

Ламин Дијак е на судење во Париз под обвинение за корупција. Исто така, поради обвинувања за купување гласови, претседателот на Олимпискиот комитет на Јапонија, Цунеказу Такеда, си поднесе оставка минатата година.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *