Вакцините против ковид-19 им овозможија на најмалку девет лица на планетата да се зачленат во ексклузивниот клуб на милијардери, а нивното акумулирано богатство е еднакво на средствата потребни за вакцинирање на сите сиромашни земји во светот. Тоа го пишува во својот извештај меѓународната хуманитарна организација Оксфам, цитирана од АФП.

Оваа нова финансиска состојба се појави како резултат на зголемените приходи на фармацевтските компании кои држат монополи врз вакцините против ковид-19, се вели во официјалното соопштение на Оксфам пред самитот за здравство на Г20, што ќе се отвори денес во Рим.

На врвот на списокот на нови мултимилијардери, кои натрупаа ново богатство како резултат на патентите за вакцините, се наоѓаат извршниот директор на американската фармацевтска компанија Модерна, Французинот Стефан Басел (4,3 милијарди долари), потоа доаѓа ко-основачот на партнерот на Фајзер, германската компанија БиоНТех, Угур Шахин со нешто повеќе од 4 милијарди долари. Без да именува други имиња на списокот, АФП посочува дека осум други милијардери (исто така неименувани) надвор од оваа група кои имаат акции во фармацевтски компании, пријавиле чисти приходи во висина од 32,2 милијарди долари, што е доволно за вакцинирање на целото население во Индија.

Од друга страна, богатството акумулирано од новите милијардери, во износ од 19,3 милијарди долари, би овозможило целосна имунизација против ковид-19 на земјите со ниски примања, кои досега имаат добиено околу 0,2 отсто од досега произведените светските вакцини, пишува во извештајот на Оксфам.

Клучните членки на Г20, Германија и Велика Британија, продолжуваат отворено да се спротивставуваат на американскиот предлог за укинување на патентите на вакцините за коронавирус за да се дозволи производство на вакцини во Африка, соопшти меѓународната организација.