Претседателот на Косово Хашим Тачи го извести специјалниот пратеник на Соединетите држави за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, дека нема да присуствува на преговорите меѓу Белград и Приштина оваа недела во Вашингтон.

Јас со нетрпение го чекам разговорот со Претседателот Вучиќ и премиерот Хоти, изјави специјалниот претставник на Белата куќа Ричард Гренел на Твитер, објаснувајќи дека Тачи го известил дека не доаѓа во Вашингтон, на средбата закажана за сабота, откако против него е покренато обвинение.

Ја почитувам одлуката на Тачи да не присуствува на разговорите сè додека не се решат правните прашања во врска со обвиненијата – додаде Гренел.

Портпаролот на Специјалното јавно обвинителство за воени злосторства на ОВК во Косово и Метохија, Кристофер Бенет, соопшти денеска дека ова обвинителство доставило обвинение со десет точки. Во обвинението се наоѓаат имињата на Претседателот на Косово, Хашим Тачи и Претседателот на ДПК Кадри Весели, како и други обвинети за голем број злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства, присилно исчезнување, прогон и тортура.

Тачи, Весели и другите се осомничени и обвинети за скоро 100 убиства.

Истрагата за овие злосторства и формирањето на судот беше иницирана по Извештајот на парламентарното собрание на Советот на Европа од 7 јануари 2011 година, подобро познат како Извештај на специјалниот известувач Дик Марти.

Политичкиот аналитичар Неџмедин Спахиу вели дека доколку Тачи е навистина обвинет, тој нема да може да оди на разговори во Вашингтон на 27 јуни и ќе мора да си даде оставка.


Напишете коментар