Порталот Во Центар или точното име: vocentar.com постои од месец мај. Првиот месец беше месец на тестирање кога секој ден порталот ни паѓаше бидејќи не можеше да издржи поголем број на посети, иако имавме купено домејн од Лондон. Потоа се префрливме на домејн од Франција и технички се стабилизираа работите.

Значи шест месеци функционира порталот Во Центар. Нашите, односно моите очекувања беа дека тоа ќе биде портал со читаност од околу 800 илјади до 1,2 милиони прегледи месечно. Во некои оптимистички проценки правев математики за читаност од 1,5 милиони месечно и тоа ми изгледаше голема бројка. За се над таа бројка мислев дека е научна фантастика.

Веќе вториот месец ние имавме читаност поголема од еден милион прегледи месечно. Во ноември или после шест месеци порталот Во Центар имаше читаност поголема од три милиони.

Со право можам да кажам дека е тоа најбрзо растечки портал во Република Македонија. Три милиони е огромна бројка. Ние немаме зад себе Телевизија која не храни со информации. Не пишуваме и објавуваме текстови и големи афери кои ни се подготвени од центрите за комуникации на големите партии. Ние сме самоники и така функционираме-како пиреј.

Заедно со емисијата Во Центар ние имаме месечно околу 4,5 милиони прегледи-читања или гледања. И тоа е над сите наши очекувања. Нас не не споделуваат партските ботови да ни ја зголемат читаноста или не не ставаат меѓу две турски серии да ни ја зголемат гледаноста, ние имаме и природна читаност и природна гледаност.

И сето тоа го прават само четири луѓе-емисијата ( снимање, монтажа и се што оди со тоа ) и порталот ( пишување, уредување и се што оди со тоа ) го прават вкупно четири луѓе.

Ако некогаш сте се запрашале дали е можно без пари од владата, од Сорос, од грантови, од унгарско масло, од помош на тајкуни и олигарси, од мериот коалицијата, од Јордан Камчев, од служби да се прави медиум кој е гледан или читан-поточно речено има огромна гледаност и читаност, тогаш одговорот е потврден. Да, може да се прави или да се прават такви медиуми. Во Центар е доказ за тоа.

Затоа, ние не мораме да ја фалиме или напаѓаме Америка или Русија, Трамп или Бајден, не мораме да го споделуваме Заев или Мицкоски ( замислите кое е тоа понижување да мораш да споделуваш постови на Заев или Мицкоски по 20 или 30 години новинарска кариера ), кога сакаме го критикуваме СДСМ, кога сакаме го критикуваме ВМРО ДПМНЕ. Со еден збор ние сме независни и зависиме само од нашите ставови и анализи на тоа што се случува или што сакаме да се случува во Македонија и во светот.

Тоа е комоција и независност која со ништо не се плаќа. Тоа нема цена. Тоа е избор кој секој го прави. Јас го направив мојот избор. Меѓу директорски кабинет и сигурна плата и создавање нов медиумски систем кој ќе биде еден од ретките ( ако не и единствен ) кој ќе биде независен и кој ќе може да им конкурира на големите системи ( политички и медиумски ) јас го одбрав второто.

Во наредните две години порталот Во Центар, youtube каналот Vasko Eftov и видеата кои ќе ги објавуваме на фејсбук ( се надевам дека конечно и за Македонија биде дозволено да се монетизираат видеа на фејсбук ) ќе треба да имаат месечно околу десет милиони прегледи.

Ние планираме да бидеме најсериозен медиумски систем во Република Македонија. Тоа ќе предизвика сериозни удари од сите страни ( само во ноември имавме четири обиди за хакирање на порталот, главната страна ни беше цело време под удар на проверка на факти ) но, не можете да ги победите ако им се плашите или ако им се повлекувате.

Ние сме тука дечки и не планираме никаде да одиме.

Вие имате најмалку три милиони причини да верувате дека порталот Во Центар е одличен портал.

Јас во името на малата екипа Ви благодарам и се поклонувам пред вашата доверба!