Во Македонија лекарите влегоа во политиката, што само потврдува дека политиката ни е болна. Политичарите влегоа во историјата, што само покажува дека историјата стана пациент на болната политика. А историчарите прифатија да бидат лекари кои ќе ја лекуваат душата на нацијата со погрешна историја.

Ние им се лутиме на Бугарите дека сакаат да ни ја менуваат или да ни наметнуваат историја. И имаме право. Но ние му дозволивме на Никола Груевски за 11 години брутално да ни ја силува историјата. Ние самите направивме таков бучкуруш од историјата што во еден момент беше срамота да се каже дека сме ние Словени.

Се сеќавате низ каква стигматизација и медиумска харанга поминуваше секој кој не се согласуваше со антиквизацијата на Груевски и Ѓорѓе Наумов. Киро Глироров, по смртта, беше распнат на крст за изјавата дека сме ние Словени, а ние сега се караме со Бугарите да докажеме кои се поголеми Словени и кои се татковци на словенската писменост.

И за цело тоа време нашата историографија молчеше како риба во историски хороскоп. Големите историчари им дозволија на група шарлатани да прават карикатура од нашата историја. Добиваа пари и едните и другите. Шарлатаните да ја пишуваат новата македонска историја, а историчарите да молчат додека шарлатаните ја пишуваат новата историја.

Проектот Скопје 2014 стана симбол на новата македонска историја напишана од Никола Груевски. Таа франкенштајн историја личеше на оние женски списанија, кога се прави профил на најубавата жена-од една се земаат очите, од друга градите, од трета задникот и така ќе се креира една топ жена од соништата. Таа жена не е реална, ама барам е или беше убава. Така “таткото на нацијата” ја пишуваше новата македонска историја.

И ние сега имаме два типа на политичари или премиери. Едниот кој ја пишуваше таа нова и карикатура од македонска историја. И вториот кој ја распродава македонската историја. Да можеше, историјата ќе избегаше од Македонија.

Секундарно е прашањето дали децата ќе учат историја на часови по историја или на часови по општествени науки. Примарното прашање е како ние сакаме да ја користиме историјата. Ако кризата со ковид-19 ни покажа дека ние немаме здравство, тогаш преговорите со Бугарија, со Грција, како и драматичните политички упади во историјата на Груевски и Заев нас ни покажаа дека ние немаме ниту историја.

И ако на Груевски му требаше нова, карикатура, историја која требаше да биде основа за создавање на новата македонска супер нација, најстара на светот по амебите. Така на Заев му треба да нема историја бидејќи во неговиот концепт едно општество за сите не може да смести толку многу историја.

Затоа прва жртва на нивната политика беше историјата-или ја има премногу или ја има премалку. Ние никако не можеме од историјата да направиме сарма или баланс. Затоа или јадеме само месо или јадеме само ориз и потоа се трезниме со зелка-односно расолница.

Треба пред нас да си одговриме што ние сакаме од историјата? Да формираме здрави или да формираме болни генерации. Ние гледаме што болниот концепт на историја може да направи во една држава. Бугарија ни е пример за тоа. Таму историјата ја водат и креираат тајните служби и соработниците на тајните служби.

За секоја нација и за духот на една нација е потребно да има вистинска доза на историја и на спорт. Тоа е најдобриот лек за духот на една нација. Но само кога тоа ќе го прават и дозираат експерти. Инаку, ќе ни се случи пациентите да пијат сумамед, мислејќи дека имаат коронавирус, без да се тестираат дали се позитивни од коронавирус. А под спорт ќе подразбираме отварање тениски терени во села каде луѓето немаат леб за јадење.

Затоа, дајте им на луѓето спорт и историја за да им ја лечите, а не за да им ја труете душата. Но пред се дајте им леб и добар живот. Бидејќи ниту една историја не може да го наполни празниот фрижидер.

Ќе ми биде жал ако децата во основните училишта не учат историја и географија. Со историја и географија тие ќе научат како да патуваат во просторот и времето, а не да патуваат само кога си заминуваат од Македонија.