Вкупно 20 земји од Латинска Америка, преку Блискиот исток, до Азија, побараа од Русија да им ја обезбеди првата вакцина во светот против вирусот корона – Спутник В.

Првата вакцина против корона вирусот што беше регистрирана во светот беше онаа направена во Русија. Регистрацијата на вакцината ја потврди и рускиот претседател Владимир Путин, кој исто така изјави дека неговата ќерка ја примила вакцината.

Кирил Димитријев, директор на рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), објасни дека тие веќе добиле нарачки за милијарда дози на вакцината, пренесува РТ.

„Заедно со странските партнери, ние сме подготвени да произведуваме повеќе од 500 милиони дози на вакцината годишно“, рече Димитријев. Тој додаде дека вакцините произведени во Русија ќе се користат во самата земја, додека оние произведени од странски партнери ќе бидат достапни за други земји.

Димитријев додаде дека РДИФ работи и на програма за хуманитарна помош за земјите во развој, чија цел е вакцината против вирусот корона да биде достапна за земјите што не можат да ја купат или да направат своја вакцина.

Објаснувајќи дека вакцинацијата е акутен проблем во најсиромашните земји, Димитријев рече дека РДИФ верува дека „вакцините треба да бидат еднакво достапни за луѓето ширум светот, без оглед на финансиската состојба“.

Рускиот претседател Владимир Путин објави дека во Русија е регистрирана првата вакцина во светот против вирусот корона „Спутник В” чие масовно производство треба да започне наскоро и треба да биде јавно достапно од јануари.

Иако веќе е регистрирана, вакцината ќе помине низ повеќе клинички испитувања во Русија и Блискиот исток.


Напишете коментар