Епидемиолошката состојба во Велес е алармантна и нема простор за опуштање, иако според епидемиолозите се очекува во наредниот период да се намалува бројот на инфицирани граѓани, информира на денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски, по одржаната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување.

Вкупната бројка на пациенти сместени на Инфективното одделение и на дел од Интерното во велешката општа болницата е 69, од кои 53 се позитивни а другите се уште не се потврдени. Утрово биле регистрирани 12 оздравени пзциенти од Велес.

–Според она што денеска беше изнесено на седницата на Штабот за заштита и спасување, во општата болница во Велес, состојбата е крајно сериозна, на Инфективното одделение има само уште два слободни кревети, а во функција е ставено и дел од Интерното одделение каде се сместуваат пациентите со полесна клиничка слика, информира Коцевски.

Тој појасни дека на седницата на Општинскиот Кризен штаб денеска било најавено дека интензивно се подготвува и Одделението за Физикална терапија кое е засебна зграда одделена од Општата болница, а деновиве ќе биде преадаптирано во уште еден Ковид центар.

Коцевски најави дека Општина Велес ќе испрати барање до Генералштабот на АРМ со цел да се стават на располагање дел од вработените на АРМ за потребите на болницата.