Лидерите на Македонија, Србија и Албанија односно претседателот Александар Вучиќ, премиерите Еди Рама и Зоран Заев денеска одржаа состанок преку интернет конференциска врска за обновување на иницијативата за регионална соработка започната минатата година.

Активностите на иницијативата за регионална соработка беа одложени поради пандемијата КОВИД-19 и изборите во Македонија и Србија и тројцата лидери се согласија дека кризата ја нагласи потребата од натамошно интензивирање на меѓусебната соработка и регионалната економска интеграција.

За време на средбата преку интернет, претседателот Вучиќ и премиерите Рама и Заев истакнаа дека оваа иницијатива е целосно во согласност со Берлинскиот процес и дека е добра основа за подготовка на земјите од Западен Балкан за претстојниот Самит на Западен Балкан што ќе се одржи во Софија во ноември во рамките на Берлинскиот процес со кој оваа година копретседаваат Бугарија и Македонија.

Лидерите на Србија, Албанија и Македонија се согласија дека е многу важно сите шест земји од Западен Балкан да учествуваат во иницијативата за регионална соработка и во таа насока денеска и официјално го поканија Косово да се приклучи на иницијативата и како резултат на рамката поставена на самитот во Вашингтон во септември годинава меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти.

Претседателот Вучиќ, и премиерите Рама и Заев, исто така се согласија да формираат постојана работна група од претставници на сите земји од иницијативата за да се забрза спроведувањето на договорените активности во рамките на регионалната соработка.