Унгарскиот премиер Виктор Орбан вели дека не гледа зошто би било потребно да се воведат нови санкции против Русија поради ситуацијата околу опозиционерот Алексеј Навални. Тој истакна дека антируските санкции се неразумна политика.

Од аспект на Унгарија, не гледам зошто би било потребно да се воведат санкции. Но, ако Европската унија сака да го иницира тоа, ние сме подготвени да размислиме, рече Орбан, пренесува Ројтерс.

Како што вели тој, санкциите против Русија се неразумна политика.

Во воениот план кон Русија, ние треба да бидеме многу силни, а во областа на трговијата, треба да соработуваме многу активно, рече унгарскиот премиер.

Откако германската влада објави, повикувајќи се на лабораторијата во Бундесверот, дека Навални е затруен со супстанца од групата воени отрови „Новичок“, во рамките на Унијата се погласни се оние кои се за нови санкции против Русија. Америка исто така се заканува со нови санкции.