Администрацијата на претседателот Доналд Трамп предвидува дека до крајот на февруари со двете вакцини ќе се вакцинираат 100 милиони луѓе во САД, или околу 40 проценти од возрасните, рече висок американски функционер.

Веќе во декември, 20 милиони луѓе ќе бидат вакцинирани со 40 милиони дози Фајзер / БиоНтек и Модерна затоа што секоја вакцина се дава двапати, во период од три или четири недели, изјави Монсеф Слауи, шеф на операцијата Warp Speed ​​на американската влада на прес конференцијата.

До крајот на февруари би можеле да вакцинираме 100 милиони луѓе, што повеќе или помалку одговара на бројот на ризични лица, стари лица и медицински персонал, рече тој.

Тоа ќе биде „сосема доволно“ за да се вакцинираат три милиони стари и изнемоштени лица кои сега се згрижени во домовите за стари лица и изнемоштени лица, рече поранешниот челник на фармацевтската индустрија ангажиран од администрацијата на Трамп оваа пролет.

Остатокот ќе биде доволен за вакцинирање на огромното мнозинство професионалци во здравствениот сектор доколку државите и териториите одлучат да им дадат приоритет, како што препорача советодавниот стручен одбор на здравствените власти во вторникот.

Во јануари би можеле да се вакцинираат 30 милиони луѓе доколку се обезбеди најавениот обем на производство на тие две вакцини, а околу 50 милиони во февруари, што е вкупно 100 милиони.

Тој број не вклучува уште две потенцијални вакцини, таа на Џонсон и Џонсон и на АстраЗенека и Оксфорд, чии клинички испитувања треба да дадат резултати „помеѓу крајот на декември и средината на јануари“, рече Монсеф Слауи, што ќе го зголеми бројот на дози уште во февруари, доколку биде одобрен од Агенцијата за храна и лекови (ФДА).