Рускиот претседател, Владимир Путин, денеска (четврток) на средбата со српскиот претседател, Александар Вучиќ во Сочи изјави дека ќе се најде решение за цената на рускиот гас што ќе биде прифатливо за Србија.

Знам дека сте особено загрижени за некои прашања поврзани со истекувањето на договорот за купопродажба на гас. Во секој случај, ќе најдеме решение кое секако ќе биде прифатливо за нашите српски пријатели – изјави Путин, пренесуваат соседните медиуми.

Рускиот претседател ја истакна и важноста на воено-техничката соработка помеѓу двете држави, како и соработката на меѓународната сцена.

Што се однесува до Косово, знаете дека ставот на Русија е принципиелен, и дека не подлежи на актуелната политичка ситуација. Ние ја поддржуваме вашата позиција кога станува збор за решавање на косовскиот проблем и се надевам дека ќе се реши со исполнување на интересите на сите луѓе кои живеат таму – изјави Путин.

Вучиќ му се заблагодари на Путин за одвоеното време и за средба и покрај пандемијата со Ковид-19.

Верувам дека односите помеѓу Србија и Русија се на највисоко ниво, и дека двете земји се стратешки партнери и дека односите помеѓу двете земји се развиваат во сите области – изјави претседателот на соседна Србија, Вучиќ и изрази голема благодарност за поддршката на Русија за територијалното прашање со Косово на Србија, и за подршка на српскиот интегритет и суверенитет.

Путин изјави дека соработката во борбата против Ковид-19 е позитивен момент во билатералната соработка и доказ за взаемна доверба.