Денес на социјалните мрежи беа објавени нов сет на снимени телефонски разговори. Но овие не се прислушкувани разговори, туку се снимени разговори. Според едната верзија, разговорите се снимени преку мобилен телефон додека разговараат, а според втората варијанта разговорите се снимени преку часовник кој може да се набави преку али експрес.

Во сите разговори во главна улога е Зоки Милески Кичеец, но според тоа што е кажано најголема тежина има разговорот на Милески со Влатко Мијалков, братот на Сашо Мијалков и прв братучед на Никола Груевски. Во снимката од тој разговор, која трае 17 минути и 50 секунди Милески и помладиот Мијалков разговараат во автомобил.

Од снимката се разбира дека Влатко Мијалков е кум на децата на Милески Кичеец и разговараат како да прекине кампањата против Мијалков која наводно треба да ја води згаснатата телевизија на Боки 13.

Десет години ме слушале му вели Мијалков на Милески и ти знаеш кој ме слушал. Кој ме слушал мене, прашува Мијалков? Брат ти, му одговара Милески.

И сега што да му правам, да го утепам, прашува Влатко Мијалков и додава: Не сакам никој да ме меша со него.

Тебе некој да те слуша десет години како ќе се чуствуваш го прашува Мијалков својот кумашин Милески.

13 илјади снимки има за Латас, а за мене има десет илјади, вели Влатко Мијалков во разговорот кој може да се најде на социјалните мрежи и на youtube.

Ова е шокантно признание на Влатко Мијалков за начинот на делување на неговиот брат Сашо Мијалков додека тој бил на чело на ДБК. Дури сега станува јасно од какви размери била операцијата за прислушкување во Македонија кога Сашо Мијалков тајно го има слушано и својот роден брат.

Инаку, Влатко Мијалков во периодот на владеењето на неговиот прв братучед Никола Груевски беше советник во Царинската Управа на РМ.