Во овој момент се води вистинска “војна” на социјалните мрежи, посебно на твитер, меѓу приврзаниците на таканаречената Мериот коалиција и екипата на Дувло, или делот на центарот за комуниција на ВМРО ДПМНЕ наменет за црна кампања. Во таа пресметка се вклучени и екипата на ботови под контрола на Синиша Алексовски, кои со една нога се во ВМРО ДПМНЕ, а со друга во Левица.

Во последните неколку дена таа пресметка веќе се трансформира во пресметка на две разузнавачки групации и почнуваат во јавноста да излегуваат ( се разбира дозирано ) информации кои обичните граѓани не можат ниту да ги знаат, а ниту, пак, со нив да располагаат.

Во таа пресметка на двете групации беше лансирана информацијата дека за нов шеф на Дувло е избрана Ганка Самоилова Цветановска. Станува збор за поранешна министерка за култура во владата на Љубчо Георгиевски, а потоа и прв потпретседател на ВМРО ДПМНЕ во 2003 година кога Никола Груевски доаѓа на чело на партијата. Пред изборите во 2005 и 2006 година Цветановска и Груевски ги прекинуваат односите и од тогаш Ганка Самоилова Цветановска се повлече од јавниот живот. Но цело време остана многу активна на твитер.

Ние се јавивме во ВМРО ДПМНЕ за одговор на прашањето дали Ганка Самоилова Цветановска е нивиот шеф на Дувло и еве го одговорот на портпралот на партијата, Диме Арсовски:

Не е точно. Се работи за лажна вест и невистина произлезена од кујните што работат против ВМРО ДПМНЕ, а се со цел да се зборува за партијата а не за целиот криминал кој го прави власта. Центарот за комуникации си има свој директор и структурата на управување е непроменета.

На нашето прашање-значи Мартина Антиќ е оставена на таа позиција, не добивме одговор.

За појаснување, тука има две линии на гледање и анализирање на работите. Центарот за комуникација е таа условно речено “кровна” конструкција или видливиот дел на апаратот за комуникација на ВМРО ДПМНЕ. До пред изборите на чело на центарот беше Иво Котевски кој по изборите веќе не е на таа позиција и сега е доста близок со таа т.н. мериот коалиција. На чело на центарот доаѓа Луке Галевски кој е човек од доверба на Никола Груевски и е дел на таа т.н. Ѓорче Петров групација во ВМРО ДПМНЕ. Кога сегашниот лидер Христијан Мицкоски, беше носител на листата на ВМРО ДПМНЕ за локалните избори во Скопје, во 2017 година, на таа листа беше и Луке Гелевски.

Дувло е цел од центарот за комуникации. Во последното интервју за емисијата Во Центар, Филип Петровски изјави дека во соработка со Мартин Протуѓер и Никола Груевски во 2015 година почнуваат да го формираат Дувло како одговор на кампањата на Сорос во Македонија. Се шпекулираше, но тоа не е никогаш јавно официјализирано и потврдено, дека до изборите на чело на дувло се наоѓа Мартина Антиќ и дека по изборите таа не е веќе на таа позиција.

Партијата демантираше дека Ганка Самоиловска Цветанова доаѓа на чело на Дувло, иако никој не крие дека таа и нејзиниот партнер, познатиот кардиохирург Сашко Кедев се и политички и семејно многу блиски со Христијан Мицкоски. Мицкоски имаше идеа или Кедев или Цветановска да бидат кандидати на ланските претседателски избори и дуру по нивното одбивање се отиде на избори со Гордана Сиљановска.