Името Пабло Ескобар е добро познато низ целиот свет. Тој беше еден од најпознатите, но и најсурови нарко босови на сите времиња. Тој управуваше со колумбискиот картел Меделин, а неговото богатство се проценуваше на 30 милијарди долари. За неговата смрт кружат разни приказни, а сега неговиот внук Николас ја откри својата вистина.

По долгогодишен прогон од властите, во 1991 година Пабло им се предаде на властите, тој беше осуден на 5 години затвор, кои, сепак, требаше да ги одлежи во затворот што самиот го изгради. Како што се очекуваше, во 1992 година тој избега и се криеше сè до својата смрт. Колумбиската полиција го опколи и го уби во неговиот роден град на 2 декември 1992 година, само еден ден по неговиот 44-ти роденден.

Тој бил застрелан неколку пати во ногата и торзото, но куршумот што минал низ главата бил фатален. Никогаш не е утврдено точно кој го испукал тој куршум, а сега неговиот внук Николас Ескобар открива што точно се случило тој ден.

Николас Ескобар денес има 50 години и е управител на музејот „Пабло Ескобар“ во Меделин.

Во првото интервју за шпанските медиуми, поточно за Ел Мундо, тој раскажа како бил киднапиран на 17 мај 1993 година.

Тој вели дека бил киднапиран од колумбиската полиција и бил мачен 7 часа. Две други лица кои во тој момент биле со него биле целосно масакрирани со моторна пила. На крајот бил ослободен.

Кога излегов, се јавив на чичко ми на приватен број. Јас сè уште ги паметам броевите: 32-80-191 и 32-80-194. Тој ми рече дека директно го повикал претседателот на Републиката и му рекол дека ако не ме пуштат, нема повеќе да биде војна против државата, туку против децата на сите генерали, рече тој.

По тој настан, Николас отишол во Шпанија, но властите не му дозволиле да се симне од авионот. Затоа отиде во Франкфурт каде фати авион за Лондон и оттаму отпатува за Гибралтар каде конечно стапна на шпанско тло.

Неколку месеци подоцна дознал за смртта на Пабло.

Бев на 4-ти кат од мојата куќа. Слушнав врисок од првиот кат, тие на ТВ рекоа дека чичко ми починал. Влегов во автомобилот и возев 180 км за да остварам повик. Тие ми потврдија дека станува збор за самоубиство. Потврдувам дека Пабло Ескобар не бил убиен од ниту еден агент, вели Николас, инаку син на братот на Пабло, Роберт.

Според него, Пабло рекол дека, во случај да не може да избега, би се самоубил бидејќи не сакал да заврши во американски затвор.

Тој се самоуби кога го опколија, заклучи Николас.

По смртта на Ескобар, картелот Меделин се подели на неколку делови, а пазарот на кокаин го презеде ривалскиот картел Кали.