Српските медиуми блиски на Александар Вучиќ анализираат што може да се очекува на средбата во Вашингтон на 27 јули. Според нив, Специјалниот претставник на Претседателот Трамп, Ричард Гренел ќе инсистира на договорот меѓу Белград и Приштина за економски прашања, а политичките и статусните прашања ќе бидат во позадина.

Иако на почетокот се чинеше дека Американците ги поканија претставниците на Белград и Приштина во Вашингтон да се справат со најтешките теми, околу кои двете страни целосно не се согласуваат (сеопфатен договор, признавање на Косово, членство на Косово во ООН ) дневниот лист Информер пишува дека до тоа нема да дојде.

Според извори на Информер, Гренел е апсолутно прагматичен и знае како да открие точки околу кои учесниците во разговорот би можеле да се согласат. Како човек со најголема доверба на Доналд Трамп, тој сигурно ќе инсистира на она што американскиот претседател би можел да го претстави како свој успех во надворешната политика. И, тие сигурно не се прашања како што Белград го признава Косово. Напротив, исто како што инсистираше на потпишување меморандум за воздушен сообраќај, автопат од Ниш до Приштина и обнова на железнички линии, така и емисарот на Трамп сега ќе се фокусира на решавање на проблеми што го отежнуваат животот за обичните луѓе.

Веста дека лидерите на институциите на Србија и на Приштина ќе се сретнат на 27 јуни во Белата куќа во Вашингтон ги изненади сите. Гренел очигледно има чувство дека постои можност да се постигне барем договор за економска соработка. Реално е да се започне од фактот дека се очекува да биде постигнат договор во врска со отворање на економска соработка меѓу Белград и Приштина, така што ќе создаде одредена динамика пред клучните фази на преговорите во есен, пишува Информер.

Албанците во САД губат позиции. Единствено место каде што остануваат до одреден степен на истото ниво на поддршка е во Конгресот, особено во долниот дом, каде еден од нивните клучни сојузници, Елиот Енгел, претседава со комитетот за надворешна политика. Сепак, ерозијата на поддршката за Приштина во Вашингтон е очигледна. Во анализата се изразува уверување дека разговорите во Вашингтон ќе успеат и ќе резултираат со нова изјава или меморандум за целосна економска соработка.

Во пресрет на денешната посета на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Белград, министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ рече дека Русија ќе поддржи какво било решение за Косово и Метохија што е во интерес на Србија.

Минатата недела во Ниш, Дачиќ го информираше македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров за текот на преговорите со Приштина.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *