Секој кој преживеа коронавирусна инфекција и има доволно антитела може да донира крв во научни цели и да им помогне на болните. Германецот Хаген С. сакаше да го стори токму тоа, но лекарите пред да му земат крв го вратија дома затоа што е тој хомосексуалец.

Хаген беше пациент број 59 во Берлин, пренесува „Фокус“, повикувајќи се на „Велт“. Во меѓувреме, има повеќе од 8000 потврдени случаи на инфекција во тој град. Педесет и петгодишниот маж сакал да помогне и се пријавил на клиниката „Шарите“ во Берлин. Се покажа дека е тој совршен дарител, а потоа бил вратен затоа што е хомосексуалец.

Докторот само ми кажа дека не доаѓа во предвид да бидам донатор на плазма, иако ја прележав короната, затоа што сум хомосексуалец. За прв пат во животот, се чувствував дискриминиран – рече Хаген за „Велт“.

Тој прилетта имал инфекција со корона со среден интензитет. Тој кашлаше, имаше висока температура, болки во мускулите и го изгуби чувството за вкус. Потоа го поканија да биде тестиран, бидејќи резултатот може да биде корисен за научни цели.

Одлучив доброволно да учествувам во истражувањето. Мислев, кога веќе ја преживеав таа болест, тогаш барем би имало некои придобивки од тоа. Сакав да помогнам – вели Хаген.

Неговата крв подетално беше испитана во берлинската клиника. Се покажа дека има голема количина т.н. ИГГ антитела и дека е совршен донатор. Потоа бил поканет да донира крвна плазма, а извршените анализи покажале дека тој не страда од ХИВ, хепатитис Ц или било која друга сексуално пренослива болест.

Единствениот проблем: законот не дозволува хомосексуалците да донираат крв. Бидејќи тој самиот рече дека е хомосексуалец, сè пропадна.

Притоа, итно се бараат доброволни донатори на крвна плазма. Германскиот федерален центар за здравствено образование започна кампања „Едноставно спаси живот – дај крв!“ поканувајќи ги луѓето кои ја преживеале болеста да донираат плазма. Антителата од плазмата се многу корисни за сериозно болни луѓе со ковид-19. Тие се инјектираат или директно преку трансфузија, или донираната плазма се користи за збогатување на антителата и производство на високо концентрирани препарати.

Германскиот министер за здравство Јенс Спан најави дека ќе побара решение за овој проблем заедно со надлежните институции. Законот датира од осумдесеттите години на минатиот век, кога ХИВ беше широко распространет, но денес инфекцијата успешно се држи под контрола.


Напишете коментар