Во Германија, досега вкупно 1.866.887 лица биле позитивни на тестирањето за коронавирусот.

Повеќе од 1.000 луѓе починаа како резултат на инфекција со коронавирус во Германија во последните 24 часа, соопшти институтот Роберт Кох.

Во соопштението се вели дека бројот на смртни случаи од ковид-19 во Германија е зголемен за нови 1.188 лица и сега изнесува 38.795 починати од почетокот на пандемијата. Според официјалните податоци, досега вкупно 1.866.887 лица биле позитивни на тестирањето за коронавирусот во Германија, вклучително и 31.849 во последните 24 часа.

Додека германските медиуми се прашуваат дали оние што се враќаат од годишен одмор на Балканот можат да предизвикаат нов бран на коронавирусна инфекција, Германија го заостри режимот на влез за да го спречи тоа.

Воведени се десетдневен задолжителен карантин и стратегија „два теста“ од 11 јануари.

Оние што се вратија од одмор на Балканот ова лето придонесоа за порастот на бројот на заразени. Министерот за здравство Јенс Шпан наведува дека вакви ситуации може да се повторат поради Божиќните и новогодишните празници.

Германски „Велт“ наведува дека голем број луѓе заминале на Балканот за време на Божиќните и новогодишните празници.

Пред празниците, министерот за здравство на Германија, Јенс Шпан, уште еднаш предупреди на зголемениот ризик од инфекција што доаѓа од повратниците од одмор.

Според сè што гледам, мислам дека многу луѓе повторно отидоа во својата татковина и ги посетија своите роднини во Источна Европа, Балканот и Турција – рече тој.

Тој верува дека повратниците можат да дадат поттик за нов бран на инфекции во Германија. Во текот на летото, Германците најмногу се заразија во нивната земја, но 21 процент од инфекциите беа поврзани со повратници од Балканот.

Од 11 јануари, ќе се воведе стратегија „со два теста“, според која повратниците од ризичните региони мора да бидат тестирани веднаш по пристигнувањето во Германија или да донесат тест не постар од 48 часа од земјата во која престојувале, но без оглед тие мора да бидат ставени во карантин, што може да се прекине само по пет дена изолација со нов негативен тест.