Д-р Мирсад Џерлек, државен секретар во Министерството за здравство, за српските медиуми изјави дека може да се очекува влошување на состојбата во следните седум дена кога станува збор за бројките поврзани со вирусот корона.

Тој рече дека во следната недела може да се очекува бројката значајно да ја надмине границата од 4.000 на ден, додека бројот на смртни случаи и пациенти на респиратори се зголемува.

Медицинскиот дел од Кризниот штаб предложи маските да бидат задолжителни на отворено, особено во пешачките зони каде има голем број луѓе, а работата во кафулињата да биде ограничена до 18 часот. Конечната одлука ќе ја донесе државата. Во овој момент се анализира состојбата и мора да се најде рамнотежата помеѓу здравствената заштита и економијата, рече тој.

Во изминатите 24 часа голем број граѓани дојдоа на прегледи во ковид центрите, лекарите имаат полни раце работа и Белград е сè уште најкритичен, рече тој.

Ситуацијата е многу сериозна, можеме да го надминеме ова само доколку се придржуваме до мерките. Апелирам до граѓаните да останат дома со своите семејства, особено со помладите, рече тој.