Премиерот на Србија, Ана Брнабиќ, оцени вечерва дека е реално да пристигнат еден милион вакцини против коронавирусот во јануари и изрази верување дека повеќето граѓани на Србија ќе бидат вакцинирани до средината на 2021 година.

Во интервју за телевизијата Курир, таа рече дека новиот контингент вакцини, Фејзер-Бионтек, ќе пристигне на 4 јануари и најави скоро формирање на кол центар за аплицирање за вакцинација.

Добивме нов најавен план за испорака од „Фајзер-Бионтек“ и очекуваме дека во јануари во Србија ќе дојдат значително поголеми количини на таа вакцина. Се надеваме дека следниот контингент ќе пристигне на 4 јануари. Србија сигурно нема да ја прекине оваа кампања за вакцинирање, рече Брнабиќ.

Таа им изрази голема благодарност на партнерите од Фајзер, бидејќи тие покажаа сериозност и затоа што мала земја како Србија е меѓу првите што потпиша договор со нив.

Во декември ја намалија првата испорака, бидејќи генерално го намалија производството, па ги намалија испораките до сите. Повеќе од тоа ќе го надополнат во јануари, рече таа, додавајќи дека е убедена дека наскоро ќе пристигнат далеку поголеми количини од вакцината Фајзер.

Имаме одлична комуникација и можеме да им веруваме. Во исто време, Фајзер е навистина една од најголемите фармацевтски компании во светот. И претседателот Александар Вучиќ и министерот за здравство Златибор Лончар и јас сме во постојана комуникација со други производители и очекувам одредена количина вакцина од кинески и руски партнери на почетокот на јануари. Во таа смисла, нема да имаме проблеми да ја продолжиме вакцинацијата, потенцира Брнабиќ.

На прашањето дали најавените еден милион вакцини во јануари се реални бројки, премиерот рече: „Апсолутно“.

Таа објасни дека таа и претседателот Александар Вучиќ се согласиле дека тие треба да бидат меѓу првите што ќе ја примат вакцината со цел да им дадат пример на граѓаните на Србија дека вакцината е безбедна.

Се согласивме дека ќе се вакцинираме со различни вакцини.

Чувствував дека е моја обврска да им дадам пример на сите граѓани на Србија, а претседателот Вучиќ ќе биде вакциниран со вакцината на следниот производител што ќе пристигне во Србија, рече премиерот.

Таа истакна дека Србија е трета земја во Европа што започна со вакцинација и дека вакцинацијата во геронтолошките центри оди одлично.

На прашањето дали е реално да се очекува дека во јануари ќе бидат вакцинирани околу 100.000 вработени во здравствената заштита, Брнабиќ одговори дека од Фајзер се очекуваат многу повеќе вакцини од планираното, дополнителни 16.000, како и дека вакцините од рускиот Спутник 5 и од кинескиот Синовак се очекуваат да пристигнат во голема количина.