Новоизбраниот американски претседател, Џозеф Бајден, го претстави тимот за борба против пандемијата и рече дека ќе биде потребна масовна дистрибуција на вакцини со цел да се реализира неговата стратегија за сто милиони вакцинирани во првите сто дена од неговиот мандат, пренесува Ројтерс.

Бајден на брифингот во Вилмингтон рече дека му треба Конгресот за целосно финансирање на дистрибуцијата на вакцини во сите делови на Соединетите држави.

Во првите сто дена од мандатот, национален приоритет ќе биде враќањето на децата во училиштата, рече избраниот претседател.

Во првите сто дена можеме да го смениме текот на пандемијата и животот во Америка на подобро, рече Бајден.

Тој истакна дека пандемијата нема да биде завршена во тој период и дека не може да се постигне за толку кратко време, но дека е можно да се постигне значителен напредок што ќе го смени текот на пандемијата.

Во неговиот тим одговорен за управување со пандемијата ќе биде генералниот обвинител на Калифорнија Хавиер Бесер, кој долго време го поддржуваше Обамакер, и тој ќе го предводи Секретаријатот за здравствени и социјални услуги, додека Центрите за контрола и превенција на болести ќе ги води Рошел Валенски, началничка на одделот за инфективни болести од Општата болница Масачусетс во Бостон.

Главен советник на Бајден за пандемијата ќе биде Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и инфективни болести, додека Вивек Мурти, првиот човек на јавното здравство во администрацијата на Обама, ќе се врати на таа позиција.

Поранешниот економски советник во Белата куќа и член на администрацијата на Обама, Џефри Цинк, ќе го надгледува одговорот на пандемијата, вклучувајќи дистрибуција на стотици милиони дози вакцини во соработка со федералните агенции.