Два мерцедеси се судриле во близина на Штип, при што се повредени 13 лица. Од 13-те повредени, 11 се мигранти.

Тринаесет лица се повредени во судир меѓу два автомобила кај Штип, во кој мигранти биле транспортирани во едно од возилата.

Портпаролката на штипската полиција Гордана Панајотова потврди дека две возила биле вклучени во несреќата кај селото Лакавица, но рече дека не може да каже повеќе детали затоа што истрагата е во тек.

Според информациите од местото на несреќата, се судриле два мерцедеси, а мигрантите се превезувале и во багажникот.

Единаесет мигранти и двајца македонски државјани се хоспитализирани во болницата во Штип, рече директорот на таа медицинска установа, Ален Георгиев, додавајќи дека првиот впечаток на лекарите кои се на должност е дека никој од повредените не е животно загрозен.

Според првите информации, станува збор за мигранти од Пакистан, а повредените ќе бидат примени на два одделенија – ортопедија и на хирургија.

Георгиев додаде дека повредените мигранти ќе бидат тестирани за ковид 19 во текот на ноќта.


Напишете коментар