Вкупното богатство на 400-те најбогати Кинези се искачи на 2,11 трилиони долари од 1,29 трилиони долари една година порано.

Во најновиот извештај за 400-те најбогати Кинези се вели дека пандемијата на коронавирусот не го забавила темпото на стекнување богатство во Кина, објави магазинот „Форбс Кина“.

Скоро две третини од богатите на оваа листа ги зголемиле своите средства минатата година, а прагот за пласман на списокот оваа година се искачи на 1,55 милијарди долари од милијарда долари, како што беше пред една година, пренесува Капитал.

Списанието Форбс наведува дека Кина поминувајќи ја последната рунда на раст на богатството, брзо ги престигна САД, светскиот лидер во акумулацијата на богатството по Втората светска војна.

Богатството на најбогатите 400 луѓе во Кина се зголеми за 820 милијарди долари во споредба со една година порано, пренесува кинеското меѓународно радио.

За разлика од нив, 400-те најбогати луѓе во САД, според податоците објавени во американското издание на „Форбс“ во септември, го зголемиле своето богатство за 240 милијарди долари.

Извонредна е и виталноста на кинескиот екосистем за создавање богатство – 68 лица на кинеската листа се новодојденци во клубот на најбогатите, додека во САД има само 18 нови богаташи на списокот.