По барање на министерот за здравство, Венко Филипче, денеска инспектори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе влезат во Клиничката болница во Битола за да одблизу ги согледаат условите во кои се лекуваат пациентите.

На фотографиите јасно може да се забележи дека условите во кои се лечат пациентите се несоодветни.

Во текот на вчерашниот ден беа објавени и фотографии на кои се гледа дека во една болничка соба пациенти примаат инфузија кревет до кревет со починати пациенти. Веднаш по нивното објавување директорката на болницата, Билјана Гагачовска изјави дека не станува збор за ковид пациенти туку за лица што починале во тријажниот оддел. Нагласува и дека законска обврска на секоја здравствена институција е пациентот кога ќе почине два часа да остане во институцијата, а дека фотографиите се снимени во тој меѓупериод, кога се информирале семејствата, кога се повикувало погребно претпријатие и кога се организирало пренесувањето на починатите во болничката мртовечница.

Таа истовремено го информира и Министерството за здравство при што во нејзината изјава се повикува на Законот за здравствена заштита:

-Во член 272 од Законот за здравствена заштита, став 1 стои: „Преглед на умреното лице се врши, по правило, најрано 2 часа по настапувањето на смртта на местото на смртта, а најдоцна 12 часа по пријавувањето“. Од таа причина телото на починатиот не можело да се пренесе во болничката мртвачница, објасни директорката на Клиничката болница во Битола, Гагачовска.