На Ридван Ќазими, попознат како капетан Леши, кој беше еден од командантите на УЧК во Прешево, Медвеѓа и Бујановац, а кој е одговорен за убиството на десетици српски војници и полицајци, му се гради меморијален комплекс.

Големиот комплекс се гради на ридот Гури гат (Црн камен) над Велики Трновац во јужна Србија на земјиште што припаѓа на џамијата, недалеку од местото на смртта на Ќазими. Иницијатори на комплексот се семејство и Здружението на воени ветерани од Ослободителна армија на Прешево, Бујановац и Медвеѓа.

Парите за изградба на комплексот, кој ќе се простира на неколку илјади квадратни метри, се донација од албанската дијаспора, а тој треба да биде свечено отворен на 24 мај, кога се полнат две децении од смртта на Ќазими.

Во Велики Трновац веќе има музеј-соба во рамките на локалниот стадион која е посветена на Ќазими, а гробот се наоѓа на местото на неговата смрт, каде што поранешните членови на ОВПМБ се собираат на годишнината од неговата смрт како дел од Денови на капетанот Леши, а тоа е настан, кој трае три дена.

Ненад Митровиќ, советник во Општинското собрание на Бујановац и пратеник во Собранието на Србија, вели дека изградбата на овој комплекс е намерна провокација на Албанците од југот на Србија, која има за цел да ги зголеми тензиите.

Митровиќ вели дека не бил информиран дали Општина Бујановац или МЗ Велики Трновац или некој друг издал дозвола за изградба на овој комплекс, иако во Бујановац се вели дека наводно сè е регуларно.

Митровиќ исто така потсетува дека бидејќи Албанците протестираа, Србите го преместија споменикот на полицајците и граѓаните убиени за време на конфликтот на југот на Србија во 2001 година од мешано место каде што беше подигнат во чисто српска средина.

Патем, паралелно со изградбата на овој комплекс, се гради пат што води од центарот на Велики Трновац кон идниот меморијален центар. Во него ќе бидат сместени сите лични предмети, како и џипот во кој беше застрелан Ридван Казими за време на конфликтот со полицијата во 2001 година, а дел од нив моментално се наоѓа во музеј-собата.

Порталот Бујановачки вести, кој прв ја објави оваа вест, разговараше и со Мустафа Алишани, претседателот на локалната заедница во Велики Трновац, кој најпрво ја негираше изградбата на мавзолејот, а потоа рече дека месната заедница не гради ништо и дека тој не може да знае сè што се гради во селото.

Инаку, Ридван Ќазими беше еден од локалните команданти на ОВПМБ и борец на ОВК под директна команда на Адем Јашари, чиј лик го чуваше во неговиот штаб во Кончуљ, недалеку од Бујановац, за време на конфликтот во јужна Србија. Заедно со Шефкет Муслиу, Мухамед Џемаили и Мустафа Шаќири, тој командуваше со ОВПМБ во 1999-2001 година година, учествуваше во многу терористички напади и беше шеф на преговарачката делегација на ОВПМБ во сите разговори.