На соседите треба да им се помогне тогаш кога е најтешко, изјави претседателот на Србија Александар Вучиќ, коментирајќи го тоа што неговата земја ќе отстапи 8 000 вакцини од „Фајзер“ за Македонија. Тој истакна дека Србија ќе помогне колку што може, додавајќи дека и премиерот на Македонија Зоран Заев покажал снаоддливост и грижа за својот народ, барајќи вакцини против Ковид 19 од Србија.

„Што би ни значело нас да бидеме сите здрави ако луѓето во соседството имаат безброј проблеми. Ние можеме да бидеме среќни, само ако и соседите се среќни и задоволни. Кога треба да им помогнеме? Кога е лесно? Веројатно треба да помогнете некому кога е тешко. Колку можеме ќе помогнеме. Јас мислам дека тоа не е само пријателски и братски потег кон народот во Северна Македонија, ова ја покажува и нашата одговорност и дека добро разбираме дека не живееме во затворен сад, туку дека мораме да им помагаме на соседите, како што сум сигурен дека и тие нас би ни помогнале“, рече Вучиќ.