Поранешниот министер за надворешни работи и познат српски писател, Вук Драшковиќ во мега интервјуто за српскиот портал Мондо кажа работи кои ќе ја шокират српската јавност.

Според Драшковиќ, денес се вели дека Александар Вучиќ мора да го зачува Косово во Србија. Во спротивно ќе ја изгуби главата. Една страшна пропаганда ги уверува луѓето дека Косово не го изгуби Милошевиќ, дека не е потпишана капитулација, не е потпишана Резолуцијата 1244. Ништо од тоа не се признава, но се измислува нов мит дека Косово е во Србија. Значи, сегашниот претседател се обвинува дека е предавник дека може да го изгуби Косово. И тоа е она што го кажуваат оние кои беа главните поттикнувачи на режимот на Слободан Милошевиќ да влезат во војна со НАТО, во кој ќе го загубат Косово. Оние кои во тоа време не му рекоа ништо на Милошевиќ поради војната и загубата на Косово, вели тој и додава:

Просто е неверојатно што може да се конструира за луѓето како обврска. Сега, најсветата обврска е да се задржи Косово во Србија. Но, тоа е и најлесната обврска, бидејќи она што го немате, не можете ниту да го изгубите. Но, како да го зачувате ако го немате?

Изгубено е Косово. Не смееше да биде изгубено, но во војната со НАТО, не е изгубено ништо од тоа што Косово навистина преставува за нас. Ниту тој српски народ, ниту една црква, ниту еден манастир. А изгубена е територијата која и без поразот од НАТО беше без Срби. Денес на Косово, па дури и тогаш, од 11 жители, има само еден Србин. Па, што е наше? Што ние сакаме? Територии каде нема Срби, се прашува Драшковиќ.

Во времето на битката во Косово, Србите беа мнозинство во Косово. Но, за време на Балканската војна, на Косово имаше Срби колку и сега, смета тој и заклучува:

Русија неодамна ги прогласи САД за непријателска земја. Не можев да верувам дека нема толку паметни луѓе во Москва затоа што многу ја ценам таа руска дипломатија. Отсекогаш ja воделе мудри луѓе. И во времето на царот и на Сталин и на Ленин. И сега под Путин. Единствената нација во светот со која Русите никогаш не војувале е американската нација. Никогаш немало војна меѓу Американците и Русите. И кога и да имаше светска војна, Американците и Русите беа заедно. Сега Кина се наметнува како единствена стратешка опасност, како и за Русија и за Америка. Мислам дека настаните ќе наметнат стратешки сојуз меѓу Вашингтон и Москва и дека тој сојуз ќе се заснова на меѓусебни отстапки. И ЕУ нема да прашува ништо тука, туку ќе мора да го прифати тоа за што се согласуваат Американците и Русите.