Сите што денес го слушаа интервјуто, паралелните интервјуа, или дебатата ( кој како сака може да го дефинира тоа ) на македонскиот премиер, Зоран Заев и бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов во емисијата Стадион на радиото Канал 77, веројатно си го поставија прашањето-кој е тука македонски а кој бугарски функционер?

Ако се послуша, или погледа на youtube, целото интервју или гостување на Каракачанов, во траење од 35 до 40 минути, ниту еднаш, ама баш ниту еднаш, тој не кажа Северна Македонија или Република Северна Македонија. Цело време Каракачанов зборуваше за Македонија или за Република Македонија. За разлика од него Зоран Заев ниту еднаш, ама баш ниту еднаш, не кажа ( барем по грешка ) Македонија или Република Македонија туку со една несфатлива, дури и би рекол навредлива упорност го употребува името Република Северна Македонија.

Како и да е, бугарски вицепремиер и еден од бугарските јастреби не нарекува Република Македонија, а македонскиот премиер не нарекува Република Северна Македонија. И тоа е апсурдот на сегашната политичка реалност кога Скопје и Софија се борат да докажат дали имаме заедничка или одделна историја, а најголемиот негатор на македонската различност од Бугарите низ вековите сепак не нарекува Македонија или Република Македонија.

Уште една работа беше кажана во тоа интервју на Канал 77. Како што вели Каракачанов, додека властите во Македонија се залагале за зачувување на Југославија со платформата Глигоров-Изетбеговиќ, тој протестирал пред тогашната југословенска амбасада во Софија и барал Македонија да биде независна држава. Како што денес кажа Каракачанов, тој лобирал кај првиот бугарски претседател по падот на комунизмот, Жељу Желев Бугарија да биде прва држава која ќе ја признае Македонија.