Русија, со сегашниот обем на производство, има резерви на нафта за уште 59 години, и природен гас за 103 години, рече министерот за екологија, Александар Козлов.

Наведените податоци не значат дека Русија во одреден момент ќе остане без енергија, бидејќи според руските експерти, бројките се одраз на залихите од сегашното производство.

Генералниот директор на Рускиот национален фонд за енергетска безбедност, Константин Симонов изјави дека наведените проценки се одраз на геолошките истражувања.

Да бев на местото на службените лица кои ги даваа овие бројки, ќе дадев и дополнителни објаснувања. Секој прочитал дека Русија има резерви на нафта уште 59 години, и природен гас за 103 години, што не значи дека ќе се разбудите во Русија по 103 година години, и таму нема да има молекули на гас. Во суштина, ова се тековните геолошки резерви, односно она што го откривме досега. Во исто време, нафтените наоѓалишта се намалуваат, но не и кај гасот. Покрај тоа, зоната на Арктикот е практично неистражена. Овие бројки се таканаречен коефициент на залихи од сегашното производство на нафта и гас. Односно, ова се резервите што геолошките организации ги најдоа и ги внесоа во државниот биланс, објасни експертот.

Симонов нагласува дека ерата на геолошки откритија во Русија не е завршена, но исто така и дека, како што покажува искуството на САД, новите технологии овозможуваат сосема поинаква проценка на резервите и производствениот потенцијал.

Револуцијата на нафта од шкрилци, на пример, покажа дека, всушност, кога ќе го промените моделот на вреднување на резервите, можете да најдете нови резерви таму каде што воопшто не ги очекувавте. Во врска со ова, развојот на технологии исто така ќе овозможи нови пронајдоци. Затоа не сум особено загрижен за резервите на традиционалните јаглеводороди. Пред петнаесет години главниот страв беше дека светот едноставно физички ќе остане без нафта Во светот има многу повеќе нафта и гас отколку што очекувавме, Рече Симонов.

Тој додаде дека треба да се има предвид и, на пример, гасните хидрати, кои хипотетички можат да бидат корисни, ако резервите на нафта или гас навистина истекуваат.

Кога станува збор за нетрадиционалните јаглеводороди, Симонов објаснува дека тоа се јаглеводороди што се произведуваат со иновативни методи, на пример, нафта од шкрилци и континентални гребени во длабоките води. Односно, тие се ресурси што е тешко да се искористат. Експертот наведува дека покрај тоа, постои и алтернатива, односно зелена енергија.

Секоја земја треба да го процени својот иден енергетски биланс врз основа на енергијата што ја има или ја нема и колку ќе чини производството на гориво и електрична енергија од разни видови енергетски извори. Прашањето е: ако за зелена енергија размислуваат во Данска или Германија, кои се постојани увозници на јаглеводороди, дали Русија треба да го копира данскиот енергетски модел. Русија е најголем извозник на јаглеводороди, додека Германија е нејзин најголем увозник. Би било глупаво Русија да го гради својот енергетски сектор на истите принципи како Германија. Ние имаме сосема поинаков енергетски систем, клима, територија и резерви на јаглеводороди што не се достапни во Германија. Ако Русија започне да развива обновлива енергија, земајќи ја предвид климата на земјата, тоа ќе значи дека само го копираме моделот на другите, рече тој.

Во зимскиот период, кога температурите во Русија се многу ниски, соларните или ветерните централи сигурно нема да можат да обезбедат доволно топлина, и затоа зелената енергија во моментов е непрофитабилна во Русија, заклучи Симонов.