Најпрестижната индивидуална награда во светот на фудбалот „Златната топка“, која традиционално се доделува уште од 1956 година, ќе направи пауза и годинава нема да биде доделена.

Организаторот на оваа награда магазинот „ФрансФудбал“, реши да не прогласува победник за 2020 година и тоа најмногу поради пандемијата предизвикана од коронавирусот. Стручната комисија смета дека годинава не се опфатени сите критериуми како изминатите години, фудбалот не е ист, па затоа и не треба да важат истите критериуми како претходно.

„Од спортска перспектива, само два месеци (јануари и февруари), од цели 11 месеци потребни за да се формира мислење и да се одлучи кој треба да ја добие наградата, се премалку време за да се даде конечен суд. Не треба да заборавиме дека некои натпревари не се одиграа, некои ќе се одиграат, други се играат под специјални околности, пред затворени врати, со пет измени и Лигата на шампиони ќе заврши со ‘Фајнл ејт турнир’. Фудбалерите не се на еднакво ниво во проценката кој е најдобар, бидејќи некои лиги беа прекинати многу рано, а други продолжија. Поради ова нема да има фер проценка на играта на фудбалерите. За да избегнеме поголеми дебати, калкулации и проценки ја одбравме најмалку лошата опција“, стои во соопштението на организаторите.

Лионел Меси е актуелен освојувач на „Златната топка“ за 2019 година, па приматот најдобар во светот на фудбалот ќе го има до 2021 година. Аргентинецот воедно е и рекордер по бројот на освоени награди со шест, а веднаш зад него е Кристијано Роналдо со пет.


Напишете коментар