Познати се стратегиите со кои двете големи партии ќе одат на изборите за градоначалник на Штип закажани за 13 декември. Изборите се случуваат само десетина месеци пред редовните локални избори идната година, а причината за тоа е изборот на досегашниот градоначалник Брагој Бочварски на функцијата министер за транспорт и врски.

Според партиски извори, СДСМ на локалните избори во Штип, или поробро речено предвремените избори за градоначалник на Штип, сака да трча со сегашниот пратеник од Штип, кардиохирургот Сашко Николов. Во ВМРО ДПМНЕ се уште немаат пресечено и прават внатре партиски анкети.

Според анкетите две имиња се фаворити, ако ја прифатат кандидатурата, да бидат избрани за нов градоначалник во Штип. Едно е веќе споменатиот кардиохирург и актуелен пратеник од редовите на СДСМ, Сашко Николов и второто е поранешниот градоначалник на Штип, Илчо Захариев.

На тие анкети во овој момент води Сашко Николов со 24 отсто на поддршка од граѓаните, а Захариев има околу 20 отсто рејтинг. Потоа следува уште еден кандидат од редовите на ВМРО ДПМНЕ, кој е протежиран од сегашното раководство на партијата, но тој не ја поминува границата од десет отсто.

Можно е ВМРО ДПМНЕ да се обиде со некое решение од типот на инфектологот Вело Марковски, но таму ќе се јави проблемот со жителството на Вело и тоа е повеќе варијанта за бојкот на изборите, отколку за победа на локалните избори.

Извори блиски на Захариев велат дека тој потајно посакува да влезе во трката за градоначалник но се плаши од одредени процеси кои можат да му бидат покренати за одлуки и бизниси од предходниот мандат до 2017 година. Односно лесно може да се случи реприза со случајот на Никола Бакрачески во Охрид, партијата да сака да го кандидира но Захариев тоа да ( мора ) го одбие!?

Што се однесува до Сашко Николов кој води на сите анкети, тој исто така повеќе преферира да остане пратеник и да си ја обавува својата лекарска професија во штипската болница. Но партијата и Зоран Заев вршат огромен притисок врз него да влезе во трката за градоначалник. Освен од политички, Штип е многу важен за кланот на Заеви, и поради болницата која се гради во Штип.

Како сега стојат работите Левица ќе оди со свој кандидат во Штип, а тоа треба да биде еден од професорите на Штипскиот Универзитет кој беше активен учесник во шарената револуција и кој беше огромен поддржувач на Зоран Заев до пред извесно време. Што може да се толкува на два начини-Левица да сака во корист на ВМРО ДПМНЕ да откине дел од гласовите на СДСМ во Штип или со кандидат кој бил од шарената револуциуја ако има втор круг на изборите да се пазари за гласовите за кандидатот на СДСМ.

И клучно може да биде на која страна ќе се сврти Универзитетот во Штип. Затоа и двете страни водат тајни преговори со актуелниот ректор на Универзитетот Блажо Боев. Боев беше кадар на Груевски, но тој е со потекло од Кавадарци и сега е еден од најблиските советници на градоначалникот на Кавадарци и поранешен Потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, Митко Јанчев. Боев по секоја цена сака да биде избран за академик во МАНУ и веќе лобира кај партиите за поддршка или поточно речено за размена на влијание како што е тоа сега модерно да се нарекува.

И за Заев, но уште повеќе за Мицкоски изборите во Штип се исклучително важни. Со евентуален пораз во Штип, на Мицкоски ќе му биде мниогу тешко да остане и понатаму лидер на ВМРО ДПМНЕ. А Заев со победа во Штип сака да постигне две работи. Да ги засили конфликтите во ВМРО ДПМНЕ и таму да постојат две крила по можност и две партии кои би настанале по можниот раскол во партијата. И со победа во Штип да ја бетонира победата од 15 јули и како фаворит да излезе на редовните локални избори идната година.