Заев изјави дека за десет до 15 дена ќе биде договорена новата влада. И дека влада може да формира и со ДУИ и без ДУИ.

Али Ахмети врати дека влада не се прави со 46 туку со 61 пратеник.

Во основа ова не е игра на зборови туку станува збор за длабоки разлики меѓу Заев и Ахмети. Тие разлики беа клучни во изборната кампања.

На секој реален аналитичар му е јасно дека лидерскиот дуел на овие избори беше меѓу Заев и Ахмети, а не меѓу Заев и Мицкоски. На овие избори не се поставуваше прашањето дали Заев ќе го победи Мицкоски, туку со колкава разлика ќе биде победата на СДСМ.

Лидерскиот дуел беше меѓу Ахмети и Заев. ДУИ го смени слоганот на кампањата, а со тоа и целата кампања, по одложувањето на изборите на 12 април. Со кампањата Албанец за премиер ДУИ испрати две пораки. Прво, ДУИ јасно порача дека таа партија и другите албански партии играат во две различни лиги. Другите албански партии ќе се борат меѓу себе во Б дивизијата, а ДУИ и Ахмети ќе се борат во А лигата со Заев и со СДСМ.

СДСМ и Заев немаа одговор на таа кампања. Затоа резултатот на СДСМ беше помал за најмалку 40 илјади гласови на изборите. Инаку ќе беше остварена проекцијата СДСМ да го победи ВМРО ДПМНЕ со повеќе од 50 илјади гласови разлика или со најмалку седум претаници повеќе. Тоа ќе значеше политичка пензија за Али Ахмети! Али ги преживеа изборите, сега ќе видиме како ќе ја преживее владата!?

Со кампањата Албанец за премиер Ахмети од една страна му направа голема штета на Заев, а од друга страна му овозможи да извлече корист од целата ситуација. Штета бидејќи не беше убедлив победник на изборите, а корист дека Мицкоски поради тесниот пораз ќе се бори да се спаси на лидерската позиција. Сега на СДСМ и на Заев им одговара Мицкоски да остане на чело на ВМРО ДПМНЕ ( бидејќи тоа ќе биде лидерска агонија која ќе трае ) што за нив е посакувана опција или да дојде до обид за смена на Мицкоски што може да заврши на три начини: Смена на Мицкоски; Останување на Мицкоски на лидерската позиција; Поделба на ВМРО ДПМНЕ на две партии.

По изборите на Заев му стана јасно дека негов противник е Ахмети а не Мицкоски. И дека битката со Ахмети треба да ја води самиот Заев а не таа улога да му ја дава на недораснатиот Мухамед Зекири.

Затоа Заев игра на две карти: Влада со Ахмети и влада без Ахмети. Заев нема проблем да коалицира со ДУИ, но има проблем да коалицира со Ахмети. И обратно.

Сега е јасно дека Оливер Спасовски како технички премиер не си ја заврши добро работата. Тој ги стави под контрола Наќе Чулев и неговиот шеф Синиша Алексовски ( и ги сведе на ширење лажни вести и плачки на твитер ) но не го спречи влијанието на Ахмети преку администрацијата врз изборниот процес и изборните резултати. За да го победите Ахмети на избори треба само да и ставите до знаење на администрацијата дека владата се води од Илинденска а не од Мала Речица. Спасовски тоа не го направи или лошо го направи.

Затоа првата средба ( околу новата коалициона влада ) меѓу СДСМ и ДПА на Мендух Тачи има повеќе од симболично значење. Тачи е единствен албански политичар кој во моментот може да му парира на Ахмети. ДПА не може да и парира на ДУИ но Тачи може да му парира на Ахмети. Тоа му треба во моментот на Заев.

Плус: Мендух Тачи не е потписник на Тиранската Платформа. Што ќе рече-лесно ги чита игрите на Ахмети.

Алтернатива на Африм Гаши сака да биде дел од власта или од владата која би ја формирала СДСМ. Дел од таа влада сака да биде и Зијадин Села. Тука интересите на Села како лидер на Алијансата на Албанците и на Арбен Таравари, како секретар на таа партија, не се поклопуваат. Таравари сака уште еден мандат градоначалник на Гостивар и за тоа му требаат гласовите на ВМРО ДПМНЕ. Ако се Алијансата и ДУИ дел од иста влада со СДСМ, Таравари знае дека СДСМ ќе го поддржи кандидатот на ДУИ на следните локални избори во Гостивар.

Алијансата имаше добар резултат на овие избори во Гостивар, но тоа е повеќе како револт кон Насер Зибери ( кандидатот за премиер на ДУИ ) и гостиварските настани од 1997 година, отколку како поддршка за работата на Таравари. Во секој случај Таравари ќе ја кочи коалицијата на Алијанса на Албанците со СДСМ.

За да не коалицира со Ахмети, Заев ќе мора да убеди пратеници од ДУИ или претениците од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ да гласаат за неговата влада. Партијата Беса и ВМРО НП на Љубчо Георгиевски можат да бидат добар понтонски мост за премин на пратениците од една на друга страна.

Дали може Заев да формира влада без Ахмети? Само со поддршка на странците. Странците го донесоа Ахмети 2001 во Македонија, странците можат да го повлечат од политиката. Со елиминација на Ахмети, Заев се ослободува и од влијанието на Бранко Црвенковски.

Затоа Заев сега ќе калкулира: Да “купува” пратеници и да прави влада без Ахмети. Или да прави влада со Ахмети и преку судски процеси против најблиските луѓе на Ахмети да го натера сам да ја напушти владата и да го подели ДУИ на повеќе делови.


Напишете коментар