По денешната седница на Советот за безбедност, на прес конференцијата, претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев Заев и министерот за здравство, Венко Филипче ги објаснија мерките кои ќе бидат превземени по воведувањето кризна состојба во државата.

Премиерот Заев се надева дека уште во текот на денешниот ден, до вечер, ќе се прогласи кризна состојба, поради потребата од менаџирање на капацитетите, поефикасно отколку што тоа сега се прави.

Со оваа одлука освен во јавното здравство, државата ќе има надлежност и во приватните болници, во делот кој е поврзан со пандемијата и управување со нивните капацитети, рече Заев.

Министерот Филипче рече дека ќе следи период во кој бројот на заразени ќе биде линеарен и ќе има голема потреба од зголемени здравствени капацитети, односно дополнителни болнички ресурси во смисла на кадар и кревети.

Претседателот Пендаровски напомена дека она што се однесува околу приватните болници, не значи дека тие ќе бидат национализирани или одземени. Приватноста е уставно загарантирано право, рече Стево Пендаровски.

Единствено што ќе се прави е тоа дека ќе се превземе менаџментот во приватните болници, но и ќе им се плаќа за тоа, но не повеќе од 30 проценти од пазарната вредност, рече претседателот Пендаровски.

Тој појасни и дека кризната состојба не значи и вонредна состојба, односно прогласување полициски час. Таква мерка доаѓа по предлог на комисијата за заразни болести, а не по предлог на Советот за безбедност.

Ние уште поодамна предвидувавме, уште кога почна пандемијата во Дебар, да ја вклучиме армијата, така да ова не е ништо ново. Една од најважните мерки кои ќе можат да се спроведуваат со прогласување кризна состојба е токму можноста да се вклучи армијата.

Сега не би сакал да говорам за бројки, колку припадници на армијата ќе бидат ангажирани, тоа ќе го одлучат стручните служби, рече Претседателот Пендаровски.

На овој прес, премиерот Заев беше прашан и за бугарското прашање. Премиерот Зоран Заев одговори дека сепак мораме да разговараме и да се обидеме да најдеме решение, доколку е можно.

Во овој контекст, претседателот Пендаровски рече дека реториката од државниот врв не е и нема да се заостри, бидејќи ние не смееме да се спуштаме на уличарско ниво на комуникација. Значи и во иднина ние ќе разговараме на европски начин, рече Пендаровски.