Во второто тримесечје, Западен Балкан ќе изгуби 11,6 проценти од работното време заради последиците од пандемијата. Жените и младите ќе претрпат најголема неизвесност заради короната, така што земјите од регионот ќе треба да започнат да размислуваат за мерки за постепено враќање во нормални економски услови, констатираше генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу.

Според Брегу, Меѓународната организација на трудот проценува дека загубата на работното време е еднаква на загуба на повеќе од 800.000 работни места, со што речиси би можело целосно да се анулира успешното зголемување на вработеноста што Западен Балкан го забележа од 2012 година.

Брегу изјавува дека изолацијата донела скок на невработеноста во целиот регион и додава дека иако тие не даваат целосна слика за состојбата, податоците од јавните служби за вработување во шест економии на Западен Балкан собрани во мај покажуваат значително зголемување на невработеноста.

Таа предупредува дека пандемијата носи ризик од ширење поделби на веќе сегрегираните пазари на трудот, затоа што оние што можат да работат од дома преку апликации како „Зум“ и „Вебекс” се помалку ранливи од работниците кои не можат и чија плата е намалена или добиле отказ.

Брегу предупредува дека 41 процент од жените во светот се вработени во сектори со големи ризици од губење на работните места, и додава дека жените се најтешко погодени во однос на изгледите за вработување.

Жените сочинуваат поголем дел од работната сила, од угостителството и хотелскиот сектор, целата туристичка индустрија, до здравствениот сектор, а овие сектори немилосрдно се принудени да ја прекинат работата.

Според податоците на Балканскиот барометар од 2020 година, 69 отсто од жените во Западен Балкан ја сметаат пандемијата како закана за нивната работа или работата на член на нивното семејство, додека невработеноста е најголема загриженост за 51 отсто од младите.


Напишете коментар