Американската авиокомпанија „Јунајтед ерлајнс“ вчера започна да доставува вакцина против коронавирус произведена од фармацевтската компанија „Фајзер“ во магацините во САД и Европа, објави „Волстрит журнал“.

Според весникот, Јунајтед ерлајнс, во соработка со Фајзер, започнале испораки на вакцината со карго чартер летови. Во моментов вакцините се носат во магацините во американската држава Мичиген и во Белгија. Подоцна испораките се планираат во Висконсин и Германија.

За да ги изврши испораките, авиокомпанијата побара од Сојузната управа за воздухопловство на САД (ФАА) дозвола за транспорт на 6,8 тони сув мраз, што е пет пати повеќе од дозволеното со закон. Мразот е потребен за да се одржи температурата многу ниска, така што вакцината може да се чува безбедно.

Минатата недела германската фармацевтска компанија „БиоНТек” и нејзиниот американски партнер „Фајзер“ испратија барање до Управата за храна и лекови на САД за регистрација на вакцината за коронавирус.

Специјалисти од надзорното тело ќе го проучат барањето, а потоа ќе биде разгледано од колеџ на независни експерти, што треба да се состане на 10 декември. Така, употребата на вакцината во итни случаи може да се одобри околу средината на декември.

Претходно, „БиоНТек“ и „Фајзер“ соопштија дека се подготвени да започнат со дистрибуција на вакцината неколку часа по нејзиното одобрување и дека е таа ефикасна 95 проценти.