Со средства од Светска Банка, а преку одобрена апликација на Министерсрството за здравство, поддржана од Собранието на РМ, неделава започна изградбата на Модуларниот КОВИД-Центар во рамките на Општа Болница Гевгелија.

Први на теренот одобрен за градба на модуларниот ковид центар од Општина Гевгелија излегоа екипи на ЈПКД „Комуналец“ и „ЕВН“ од Гевгелија со цел да се изведе (ископа) систем на водоводна и канализациона мрежа поврзано со Болничката зграда и електричен довод потребен за внатрешната инсталација на модуларниот ковид центар.

Локацијата на модуларниот ковид центар се наоѓа на паркинг просторот на северниот дел од зградата на Болницата, на улица „Ѓорѓе Стамов“, веднаш пред одделот за Брза помош.
Изведувач на градежните работи е валандовската фирма „JBT Ajt“, ангажирана од страна на Министерството за здравство. Целиот објект ќе биде со површина од 400 метри квадратни, со дел наменет за подготовк на персоналот со заштитна опрема, оддел за прием на пациенти каде ќе се зема брис и ќе се изведуваат тестови за присуство на корона вирус и согласно резултатот се упатува пациентот дали треба да остане во ковид стационарниот центар, или на друго специјалистичко лекување во Болницата.

Засега на терен се изведуваат работите за која е надлежна локалната самоуправа која што според договорот со Министерството за здравство треба да подготвни локација на јавен простор (тоа е паркиралиштето кај Болницата од северната страна), со пристапен пат кој постои (има улица) и инфраструктурна инсталација – довод на вода, систем за одвод и електрична енергија, кој во моментот се изведува.
Изведувачот на градежните работи за подигнување на модуларната Болница следната недела ќе ги донесе контејнерите за изградба на модуларната ковид болница. Според искуството од „JBT Ajt“ од Валандово кои за две недели ја подигнаа новата проширена Болница за Пулмологија во Скопје, со деловна сигурност најавуваат дека за две недели ковид Центарот ќе биде градежно подигнат и инсталационо приклучен на сегашниот електичен и водоводен систем со зградата на Болницата.

Комплетната градба и опремувањето на Ковид центарот е финансиски обезбеден од Министерството за здравство. Гевгелија заедно со вкупно 16 општини во држатата со изградбата на модуларните ковид центри ќе функционираат како Регионален ковид центар како што функционираат и до сега обезбедувајќи здравствена грижа на ковид пациентите од Гевгелија, Богданци и Дојран.

Модуларниот Ковид-Центар ќе располага со мобилен рентген апарат, ЕХО, подготовка на здравствените работници, сала за прием на пациенти, одделение за болничко сместување и третирање на ковид заболените. Сета опрема е веќе набавена од Министерството за здравство.