Новата мерна станица во Гевгелија, како и тие во Битола, Тетово и Куманово се единствените, од вкупно 19 мерни места кои ги мерат сите шест полутанти и даваат целосна слика за состојбата со загадувањето на воздухот во овие градови. Иако сезоната на аерозагадувањето зема залет, граѓаните сè уште секаде немаат точни и навремени податоци за загадувањето. Најризичните, честичките ПМ 2,5 се мерат на само седум локации, додека ПМ 10 на 14 мерни станици. Загадениот воздух почна да ни станува секојдневие уште во септември, а деновиве само последните сончеви моменти од есента се спас од повисоки бројки на опасните честички.

Донесувањето на амбициозниот План за чист воздух и низа мерки кои требаше да се реализираат минатата и оваа година беа причина граѓаните да очекуват подобрување на ова поле, но, сепак, според бројките кои ги читаме на веб страната на Министерството за животна средина, состојбата со аерозагадувањето не е значајно променета. Во минатиот месец, на пример, спореден со октомври од минатата и од 2018 година, висината на загадувањето на воздухот и бројот на загадени денови било во рамките на просекот од претходните години.

Но, состојбата годинава е дополнително сложена и заради пандемијата од ковид-19, па апелите на граѓаните за преземање итни мерки за намалување на токсичноста на воздухот разбирливо, се особено силни. И минималното аерозагадување е голема закана за здравјето на луѓето во овој период, особено заради зголемените бројки во есенскиот бран на заболени. Маските се задолжителни за заштита на здравјето, овојпат заради две причини, и пандемијата и аерозагадувањето.

Состојбата со загадениот воздух, според Горјан Јовановски, творец на мобилната апликација „Мој воздух“ (AirCare) и еко активист, и годинава останува алармантна, а е последица на фактот што многу малку од мерките за намалување на аерозагадувањето кои ги предвидуваше Планот за воздух се започнаа, а уште помалку се реализираа.