Начинот на кој Ирска ја организираше својата дијаспора и ѝ пронајде место на домашниот пазар е пример за многу земји во светот. Што прави Македонија и постои ли стратегија да се искористи потенцијалот на иселениците?

Според неофицијалните податоци, повеќе од 500 илјади македонски државјани и лица со потекло од земјата живеат во странство. Македонија, но и речиси сите земји од Западниот Балкан, со децении стареат и ги губат младите, најчесто добро обучени, кадри. Но, владите во регионот, вклучително и македонската, со години само ги евидентираат овие податоци и ветуваат мерки за спречување на одливот на мозоци. И толку. Генерално, владее инерција во која македонската дијаспора е најгласна кога во татковината се одлучува за чувствителни политички прашања, а официјално Скопје возвраќа со повремени посети и средби на кои, најчесто, тема се политичките случувања во земјата – избори, референдум и сл. или поетски читања и играорни дружења. 

На крајот на јануари годинава Европскиот совет за односи со странство објави студија на авторката Алида Врачиќ која се занимава со проблемот на емиграцијата од земјите на Западниот Балкан и нуди решение преку примерот на Ирска. Клучната поента во неа гласи: високото ниво на емиграција предизвикува проблеми за државите, но и решенијата за многу од овие проблеми најчесто се наоѓаат во самата емиграција.