За него сонуваа Вардар и Шкендија, го бараа речиси сите балкански џинови, но и моќници како Челзи, Манчестер Сити, Бенфика… Крај Босфорот пристигна тивко, го пречекаа само неколку новинарски екипи, кои го фотографираа и земаа куса изјава. Ништо во споредба со фештите кога доаѓаат големите ѕвезди на европскиот фудбал. Неколку месеци подоцна, тој вреди повеќе од 20 милиони евра. Не е лошо за момче од нашето маало, зарем не.

Тој таков и ќе остане, момчето од нашето маало, бидејќи пред да се вивне меѓу ѕвездите, блескаше на маалските терени во Скопје. Ретко кој знае дека неговиот фудбалски раскош првпат го покажа за еден маалски клуб, поточно екипа за мал фудбал во локални рамки – ФК Бутоп!

Станува збор за тим на самопрогласените ентузијасти и претставници на скопскиот фудбал од населбите на левиот брег на Вардар – Бутел 1 и Топаанско. Момци со огромна љубов кон фудбалот, кои многу порано од многу македонски прволигаши имаа своја веб-страница. Токму таму е забележано и првото интервју на Елмас, многу пред вистински новинари да дознаат дека е роден овој фудбалски дијамант.


Напишете коментар