Ако сега има избори во Македонија СДСМ води пред ВМРО ДПМНЕ со разлика од 4,3 отсто, изјави вечерва премиерот Зоран Заев во интервјуто на Сител Телевизија и додаде дека изразено во пратеници СДСМ ќе има 49 пратеници, а ВМРО ДПМНЕ 40 пратеници.

Дали тоа ќе смени нешто во функционирањето на државата и на Парламентот, праша Заев? Ние и во минатата владина коалиција на почетокот функциониравме со 62 пратеника и дури по препрупирањето на политичката сцена таа владина коалиција тежеше 67 пратеници, рече тој. Во сегашната ситуација проблемот се јавува дека доста од пратениците се позитивни на коронавирусотот и тоа знае да направи проблеми во функционирањето на парламентот, вели Заев.

Ние во минатото сме имале коалиции кои имале 80 пратеници, имале 77 пратеници, влади биле формирани и со 75 или со 72 пратеника и тогаш имаше проблеми во функционирањето на Собранието, вели тој.

Заев и порача на опозицијата да не се заканува со бојкот на пописот бидејќи е тоа погрешна политика. И без опозицијата се спроведуваат процесите во државата, вели Заев и додава:

Се закануваа и со бојкот на изборите и со бојкот на референдумот и тоа не го спречи нивното одржување. Така и сега пописот ќе се одржи од 20 до 21 април.

Заев повтори дека не планира предвремени избори бидејќи тоа нема да смени ништо на политички план бидејќи и по тие избори СДСМ ќе остане на власт.