Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека сака соседна Белорусија да ги реактивира замрзнатите планови за поблиска интеграција со Русија, по новата изборна победа на долгогодишниот белоруски лидер Александар Лукашенко.

Путин зборуваше во време кога белоруската опозиција ги отфрлаше резултатите од претседателските избори во неделата, на кои Лукашенко извојува убедлива победа, велејќи дека треба да започнат разговори за мирен трансфер на власта.

Илјадници луѓе незадоволни од изборните резултати се судрија со полицијата низ Белорусија во неделата вечерта и понеделникот. Има повредени и мртви во протестите.

Рускиот претседател долго време се залагаше за поблиски врски со Минск под покровителство на единствена држава, но тој предлог Лукашенко го отфрли, обвинувајќи ја Русија дека на тој начин сака да ја проголта неговата мала земја од 9,5 милиони жители.

Белорусија е клучна транзитна земја за руската нафта на патот кон Запад, а Москва ја смета за корисна тампон зона во однос на НАТО.

Се надевам дека вашата државничко делување ќе придонесе за развој на взаемно корисни руско-белоруски односи во сите области, продлабочување на соработката во рамките на Алијансата на Русија и Белорусија и зајакнување на процесите за интеграција, рече Путин во телеграмата со честитки до Лукашенко.

Путин рече дека се надева оти Белорусија ќе избере и поблиски воено-политички врски со Русија во одбранбениот блок на кој тие припаѓаат заедно.

Лукашенко (65) сè уште не одговорил на пораката.

Тој со години се обидува да се балансира меѓу Русија, Западот и Кина.

Тој не е склон на поблиски односи со Русија, откако Москва ги намали субвенциите во белорускиот енергетски сектор, и во своите говори во текот на кампањата тоа го критикуваше, велејќи дека на тој начин Москва нивните некогашни братски односи ги свела на ниво на партнерство.

Лукашенко минатата недела рече дека спорот со нафтата со Русија ја чинел неговата земја 700 милиони долари, откако двете земји не успеале да постигнат договор за снабдување со нафта на почетокот од оваа година.

Тој, исто така, ги отфрли обидите на Русија да отвори воздушна база на белоруската територија и обвини група притворени руски воени платеници дека дошле во Белорусија пред изборите за да подготват терен за масовни протести, но тоа беше жестоко негирано од официјална Москва.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *