Поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Салих Мустафа е уапсен во Косово и му е одреден притвор од специјалниот суд во Хаг, одговорен за судењата за воени злосторства извршени на Косово за време на војната 1999 година, соопшти судот во четвртокот.

Канцеларијата на Специјалниот обвинител го уапси Салих Мустафа денес на Косово, во согласност со налог за апсење, налог за трансфер и потврдено обвинение, се вели во соопштението.

Информациите за датумот на првото појавување на Мустафа пред судија ќе бидат објавени наскоро, се додава во соопштението.

Во потврденото обвинение против Мустафа, кое е објавено по неговото апсење, се тврди дека казнените дела за произволно лишување од слобода, сурово постапување и мачење биле извршени против најмалку шест лица во април 1999 година, како и убиство на едно лице во истиот месец таа година.

Потврденото обвинение „го товари Мустафа за различни форми на кривична одговорност за произволно лишување од слобода, суров третман, тортура и убиство како воени злосторства извршени во контекст и во врска со вооружениот конфликт на Косово, кој не беше од меѓународен карактер“, се вели во обвинението.

Според обвинението, тој ја водел единицата што управувала со затворот и местото на испрашување каде затворениците биле тепани, мачени, малтретирани со електро шокови и врз нив се уринирало. Според обвинението, Мустафа не само што го надгледувал насилството, туку и лично учествувал во тепањата и тврдел дека еден затвореник бил шпион, поради што бил убиен.