На првиот предизборен митинг во Тулса, Оклахома, претседателот на САД, Доналд Трамп ја нападна Германија, велејќи дека германската држава му должи на НАТО милијарди долари.

Обраќајќи се на собирот, Трамп рече дека Соединетите држави повлекуваат 10.000 свои војници од Германија, затоа што Берлин му го должи на НАТО, врз основа на недоволните одбранбени трошоци во последните 25 години, една илјада милијарди долари.

Тој ги повтори критиките кон Германија за гасоводот „Северен поток 2“, констатирајќи дека „треба да ја заштитиме Германија од Русија, но Германија плаќа милијарди за енергија од новиот гасовод кон Русија“.

Во својот говор, како што објавија германските медиуми, тој во пет наврати ја спомна „Ангела“, германската канцеларка Ангела Меркел, и праша што се случило со парите што Германија во последните 25 години многу помалку издвојуваше за одбрана.

Тој рече дека Меркел му ветила, минатата година, дека ќе ја исполни целта за два проценти од БДП за одбранта до 2030 година или можеби 2032 година.

Затоа, рече Трамп, Соединетите држави ќе ги намалат своите воени сили во таа земја сè додека дебатираат со Германија за одбранбените трошоци.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *