За албанскиот Парламент обвинувањата на претседателот Мета се неосновани, за него обид за државен удар врз шефот на државата

0

По тужбата што претседателот Илир Мета ја поднесе до Обвинителството во Тирана и до Специјалното обвинителство, СПАК каде го обвинува Собранието за фалсификување документи, реагираа од законодавниот дом, оценувајќи дека обвинувањата се неосновани.

Во своето појаснување, Собранието информира дека на 4 февруари 2022 година до Уставниот суд ја доставило официјалната правна документација во врска со предметот што се разгледува.

-Во знак на почитување на независноста на уставните институции, бидејќи Уставниот суд се повлече да донесе одлука, Собранието го почитува молкот и нема да коментира за предметниот случај. Што се однесува до наводите на претседателот на Републиката за манипулација или фалсификат, со целосна одговорност појаснуваме дека овие наводи се неосновани, стои во реакцијата на парламентот.

По ова Мета објави видеопорака во која меѓу другото, вели дека „овој чин на фалсификување, оваа мафијашка постапка не е ништо друго, туку обид за финализирање на државен удар против шефот на државата“.

Во друга објава на социјалните мрежи пак наведува „колку е ранлив обичниот граѓанин, кога вакви дела му се прават на шефот на државата“.

„Ве повикувам многу внимателно да ја прочитате направената анализа од претседателскиот кабинет за да го разберете не само тешкото кривично дело фалсификување од страна на албанскиот Парламент, туку и колку е ранлив обичниот граѓанин на Републиката денеска, кога такви дела се вршат против претседателот. Време е правдата да зборува“, напиша Мета.